ШТО Е ОРГАНСКА ХРАНА?

Органската храна е произведена на строго контролиран начин со цел да се заштити здравјето на луѓето и животната средина.

img

Органските производи се одгледани на незагадена почва и произведени со методи кои не се штетни по здравјето на луѓето, животната средина и природната рамнотежа. Начинот на производство на органска храна е законски регулиран и редовно контролиран за да се обезбеди дека производите се безбедни и не содржат штетни материи. Со тоа тие се поздрави и имаат поголема нутритивна вредност.

При органскиот начин на производство и преработка на храна се дава предност на употребата на материи и производи кои се добиени на природен начин. Употребата на вештачки ѓубрива, хемиски пестициди, хормони, конзерванси, адитиви, генетски модифицирани плодови и состојки или други синтетички материи е сведена на минимум, односно во најголемиот дел е недозволена. Името органски производ, односно органска храна, е дадено поради органските материи и методи со кои земјоделците ги заменуваат овие вештачки материи.

Органските производи:

  • не смеат да содржат генетски модифицирани организми;
  • не се прскани со синтетички пестициди и лесно топливи минерални ѓубрива;
  • не смеат да содржат дополнително додадени засладувачи, ароми, бои и емулгатори, како и помошни адитиви кои се забранети;
  • животните мораат да бидат хранети со храна од органско производство, без употреба на антибиотици.

КАКО ДА ЈА ПРЕПОЗНАЕТЕ ОРГАНСКАТА ХРАНА?

organski-proizvodСекој органски производ, без разлика дали е во свежа состојба или е преработен, е јасно означен со ознаката за „органски производ“ која гарантира дека ги задоволува стандардите за органско производство. Доколку на производот ја нема оваа ознака, тој не е органски произведен производ. Во Македонија органската храна се означува со сонце околу кое вирее фиданка, како што е прикажано на сликата десно. Кога ќе наидете на производ со оваа ознака бидете сигурни дека се работи за органски производ.

Со ова лого се означени и органските производи внесени во GS1 Каталогот.

 

euЕвропската унија има сопствена ознака за органски производи. Како што е прикажано на сликата десно таа има облик на лист составен од ѕвезди кои се преземени од знамето на ЕУ. Оваа ознака можете да ја сретнете на производи кои се увезени на нашиот пазар од ЕУ.

 

Во Македонија законски е забранета употребата на слични термини (на пр. „еко“, „био“ и „еколошки“), и сите префикси, суфикси, кратенки или нивни комбинации изведени од терминот органско кои може да го доведат во заблуда потрошувачот по прашање на видот на производството.Оттука, само органските производи кои се увезени можат да бидат означени како „еколошки“, „биолошки“ и сл. согласно усвоениот термин од страна на земјите од кои потекнуваат овие производи. На пример, во Хрватска органските производи се именуваат како „еколошки производи“, додека во Бугарија се означени како „биологически производи“.

Дознјте повеќе за органската храна на специјалниот сајт на ОПМ на http://organskisvet.mk/